НОВОСТИ

ОДБЕЛЕЖАНИ 20 ГОДИНИ ОД ОТВОРАЊЕТО НА ДЕПОНИЈАТА ДРИСЛА

20.09.2014 година, сабота/ беше организиран прием и свечен коктел по повод 20 години од отворањето на депонијата Дрисла. На овој настан присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министри и други претставници од Владата на Република Македонија, директорите на јавните претпријатија на Скопје, членови на советот на Град Скопје, градоначалници, пратеници, претставници на италијанската компанија ФЦЛ Амбиенте, како и амбасадорот на Италија Во Република Македонија, Ернесто Масимино Белели. На почетокот на настанот, извршниот директор на Дрисла – Скопје ДОО, Горан Ангелов, даде краток осврт на историјата на депонијата Дрисла, од нејзиното отворање на 21 септември 1994 година, нејзиниот развој, функционирање и трансформација до денес. На овој настан се обрати и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој направи ретроспектива на состојбите со депонијата Дрисла во 2009 година и напредокот кој е направен овие 5 години. – Во 2009 година депонијата Дрисла функционираше на едно ниско ниво и предизвикуваше голем број на проблеми за околината, пред се на локалното население во Батинци, како што е загадувањето на воздухот, загадувањето на водите на Маркова Река. Тогаш, заедно со Советот на Град Скопје донесовме одлука за одвојување на Дрисла од јавното претпријатие “Комунална хигиена”, со што Дрисла стана посебно јавно претпријатие. Ние се решивме на овој чекор бидејќи сметавме дека треба да се посвети поголемо внимание на ова проблематика, каде Дрисла нема само да се бави со одлагање на сметот, туку истиот ќе се обработува и оваа депонија ќе работи според сите евроспки стандарди. Градот Скопје од 2009 година инвестираше многу во ова јавно претпријатие, а од 2013 година потпишавме и договор со италијанската компанија ФЦЛ Амбиенте и се надеваме дека Дрисла ќе прерасне во најдобрата депонија во регионот, рече Трајановски.   Претседателот на Собирот на содружници и генерален директор на Дрисла – Скопје ДОО, Доменико Ферацоли во своето обраќање се осврна на планови за идните инвестиции во ова претпријатие, поточно за периодот 2014-2018 година. Како најголеми инвестиции тој ги најави:
Запечатување на постоечкото тело на депонијата, со краен рок на изведба до крајот на 2016 година – инвестиција 14,9 милиони евра
Изградба на ново тело на депонијата, со краен рок на изведба до крајот на 2016 година – инвестиција 12 милиони евра
Изградба на систем за црпење и согорување на депониски гас, со краен рок на изведба до крајот на 2017 година – инвестиција 1,5 милиони евра
Изградба на фабрика за прочистување на отпадни води, со краен рок на изведба до крајот на 2017 година – инвестиција 2,65 милиони евра
Изградба на фабрика за селекција на отпад и создавање на РДФ алтернативно гориво, со краен рок на изведба до крајот на 2017 година – инвестиција 21,4 милиони евра
Изградба на постројка за третман на инертен (градежен) отпад, со краен рок на изведба до крајот на септември 2018 година – инвестиција 1,8 милиони евра
 Изградба на постројка за третман на опасен и неопасен индустриски отпад, со краен рок на изведба до крајот на септември 2018 година – инвестиција 7,9 милиони евра
Изградба на постројка за третман на медицински отпад, со краен рок на изведба до крајот на 2015 година – инвестиција 3 милиони евра
Изградба на автоматизирана перална за комунални возила, со краен рок на изведба до крајот на 2016 година – инвестиција 200.000 евра
Изградба на постројка за третирање на отпад од зеленило, шуми и слична биомаса, со краен рок на изведба до крајот на 2018 година – инвестиција 1 милион евра
Набавка на нова механизација и опрема, како и изградба на нови работни и административни објекти, со краен рок на изведба до крајот на 2016 година – инвестиција 6,5 милиони евра
Со крајот на 2018 година, вкупната инвестиција во Дрисла од страна на италијанскиот конзорциум предводени од ФЦЛ Амбиенте ќе изнесува 73 милиони евра. Покрај коктелот, денеска беше поставен камен темелник и за изградба на постројка за третман на индустрискиот отпад, а генерален директор на Дрисла – Скопје ДОО, Доменико Ферацоли додели плакети за лица кои придонеле за развојот на Дрисла. Плакети добија градоначалниците на Град Скопје и Општина Студеничани, Коце Трајановски и Азем Садики, поранешниот министер за животна средина и просторно планирање, Абдулахим Адеми, директорот на ЈП “Комунална хигиена”, Ракип Дочи, како и за првиот директор на Дрисла, Благоја Петрушев. Дрисла претставува депонија со која стопанисува Јавното Претпријатие за депонирање на комунален отпад Дрисла – Скопје, основано од градот Скопје во 1994 година. Лоцирана е во југоисточниот дел од градот Скопје на оддалеченост од 14 км од центарот на градот. Се простира на површина од 76 ха, со проектен капацитет од 26.000.000 м3 депониран комунален отпад. 

ГАЛЕРИЈА НА СЛИКИ