НОВОСТИ

ОФИЦИЈАЛНО ПУШТАЊЕ НА ФИЛТЕРОТ НА ПЕЧКАТА ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД

Денес, 25-ти април 2018 година, на депонијата Дрисла е официјално пуштен во употреба филтерот на печката за согорување на медицински отпад.
На пуштањето во употреба присуствуваше градоначалникот Петре Шилегов со други претставници од Градот Скопје, портпаролот Беса Татеши и други претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ, директорот на ДРИСЛА - СКОПЈЕ ДОО и неговиот менаџерски тим кои дадоа и изјава пред новинарските екипи од повеќе медиуми.
Поставениот филтер на печката за согорување на медицински отпад се состои од механички фаќач на ПМ честички, ладилник, активен јаглен, порозна бронза и спреер со водена магла. Над спреерот со водена магла е оџакот на кој има отвор за приклучување на сонди за мерење.
Филтерот на печката за медицински отпад е со капацитет од 2500м3/час. Изработен е од огноотпорен иноксен лим до 1400°С и конструиран е од следниве делови:

  1. Пумпа високо притисна;
  2. Распрскувач на водена магла;
  3. Филтер изработен од порозна бронза и активен јаглен;
  4. Дополнителна челична конструкција за ослонување на филтерот, затеги и слично;
  5. Омекнувач и резервоар за мека вода;
  6. Таложник;
  7. Изменувач за вода со капацитет од 500 литри.
Принципот на функционирање на филтерот е едноставен, но високо ефикасен.
Медицинскиот отпад се става во комора за горење. Во комората за горење треба брзо да се постигне температура на предгорење од околу 850°С. После комората за горење има уште една комора во која исто така има пламеник. Важно е да се направи интенција, задржување на гасот минимално, барем две секунди. После тоа оди во механичкиот фаќач на ПМ честички од гасот. Од механичкиот фаќач оди преку порозна бронза и активен јаглен. И најгоре со водена магла завршува процесот.
Филтерот работи во подрачје до 900°С, поради што е неопходно брзото постигнување на температурата на предгреење од 850°С. За таа цел во комората за согорување со пламеник се користи гориво пропан–бутан со снага од 120KW со автоматска регулација за пламеникот, батерија со четири боци за гас и када за греење.
Откако ќе се постигне потребната температура за предгреење на печката, истата се полни со медицински отпад во количина од околу 200-250кг.
При процесот на согорување на медицинскиот отпад се ослободуваат гасови и прашина.
Ослободените гасови, во најголем дел јаглерод диоксид, јаглерод моноксид и сулфур диоксид одат во втората комора каде се врши нивно согорување на температура од 900°C.
Потоа гасовите влегуваат во филтерот каде механички во најголем дел се отстрануваат ПМ10 честичките. Гасот потоа поминува низ вториот дел од филтерот, односно низ порозната бронза и активен јаглен каде се фаќа сулфурдиоксидот и јаглеродмоноксидот. Притоа активниот јаглен целосно го отстранува остриот мирис од сулфурдиоксидот. Финалното прочистување на гасовите се врши низ млаз од водена магла. Во водата се раствора сулфур диоксидот и се создава сулфуреста киселина, која се таложи во таложник, а остатокот прочистена вода истекува.
На крајот од технолошкиот процес, испустниот гас излегува од филтерот речиси целосно прочистен.
Мерењата на излезот од филтерот покажаа одлични резултати.
Јаглерод моноксидот изнесуваше 140,09мг/м3 од дозволените 150.
Азотните оксиди 60,71мг/м3 од граничните 400мг/м3, а сулфур диоксидот 23.22мг/м3, од максимално дозвоената граница 200мг/м3.
Количината на измерени цврсти честички-прашина, односно PM 10 честички изнесуваше 25,84мг/м3 од граничната вредност, 30мг/м3.
Сулфурните оксиди и азотните, 10 до 15 пати се намалени. CO-то исто така е намалено, а ПМ честичките од 150-160мг/м3 паднати се на 25мг/м3.
Врз основа на овие резултати, акредитираната лабораторија донесе заклучок дека согласно Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување на отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување (Сл. Весник на РМ, бр. 123/2009), просечните концентрации за емисија не ги надминуваат граничните вредности.
Дрисла ја исполни обврската кон заштитата на животната средина, со што и натаму останува една од најчистите и најбезбедните и депонии во регионот.


 

ГАЛЕРИЈА НА СЛИКИ