ДЕЈНОСТ

Депонијата Дрисла е изградена и отворена од Градот Скопје во 1994 година. Лоцирана е во југоисточниот дел од градот Скопје на оддалеченост од 14 км од центарот на градот. Се простира на површина од 76 ха, со проектен капацитет од 26.000.000 м3 депониран комунален отпад. Во проектната документација се планира дека истата ќе биде наполнета за околу 30 години, но во досегашната експлоатација од 16 години, истата е исполнета до 33 % од вкупниот капацитет, што укажува на фактот дека следните 30 години има начин на депонирање, без претходна селекција и искористување на отпадот кој може да служи како секундарна суровина (хартија, метал, стакло, пластика).

ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО е регистрирана за вршење на следните дејности:

  • Обработка и отстранување на безопасен отпад;
  • Собирање на опасен отпад;
  • Обработка и отстранување на опасен отпад.

Санитарната депонија Дрисла е во функција 24 часа на ден, 365 дена во годината, што значи дека нема прекин во технолошкиот процес. Ова го наложува самата технологија на работење, односно го наметнува специфичноста на дејноста.

Технологијата на Дрисла е базирана на главниот технолошки проект за депонијата, што вклучува санитарно депонирање на комуналниот цврст отпад.

Технолошкиот проект предвидува две фази:

  • Изградба на депонијата и потребната инфраструктура;
  • Селектирање и рециклирање на опадот.

Методите кои Дрисла ги употребува во своето работење подразбираат:

  • одлагање на отпадот,
  • негово планирање,
  • набивање на испланираниот отпад,
  • покривање на отпадот со инертен материјал со дебелина од 30 см.

Нагибот на  сипаните слоеви е со надолжен пад од 4% што овозможува отцедување на водите од врнежите кон земјените одводни канали, со што значително се намалува количината на филтратот и се исклучува можноста од заразување на водата. Формираните косини се покриваат со инертен материјал, а потоа со хумус со дебелина од 0,7 м и се потревнуваат. На најниската кота на тлото на депонијата се наоѓа насипна брана, т.н. филтер призма, за заштита на тлото од површинска ерозија.

Пречистувањето на отпадоците се врши на сметка на нивното биотермичко анаеробно распаѓање со издвојување на филтрат (содржи зголемени количини филтрати, хлориди и сулфати), гасови (метан, водород, сулфурводород) и извесно количество на топлина.

Количината на филтратот изнесува од 10 до 15% од вкупните врнежи, но е опасен во санитарен смисол, заради неговото загадување кое е 5 до 10 пати поголемо од загадувањето на домашните води.

Процесите на издвојување на гасови траат од 5 до 10 години, а и повеќе од моментот на затворањето на депонијата.

Траењето на прочистување и минерализација на отпадоците изнесува 15 до 25 години после затворањето на депонијата.