СОБИРАЊЕ, ТРАНСПОРТИРАЊЕ И СОГОРУВАЊЕ НА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД

Медицинскиот отпад како посебен вид на отпад, како и поради своите специфични карактеристики бара посебен третман. Како таков мора да биде одвоен од комуналниот отпад, како при процесот на неговото настанување така и при процесот на неговиот транспорт.

Транспортирањето се врши во контејнери со две специјални возила за медицински отпад и три комбиња.

За добивање на нашите услуги, корисникот потпишува договор со кој се одредува начинот на кој се врши собирањето на медицинскиот отпад.

Во моментот на потпишување на договорот се договара динамиката на работење по која ќе се постапува. Со поголемите создавачи на медицински отпад се прави договор за собирање и транспортирање на медицински отпад со мерна единица килограм, а со помалите мерена единица кутија со утврдена тежина од  5 (пет) килограми. Мерењето на килограм се врши со вага која е поставена на специјалното возило.

По утврдување на тежината во килограми или броењето на кутиите се издава белешка потпишана од двете странки (давателот и корисникот на услугите).

Како основа за идентификација на медицинскиот отпад се зема амбалажата која треба да биде во жолта боја. Од поголемите создавачи на медицински отпад, каде што се собира на мерна единица килограм, однапред се утврдува денот кога треба да се подигне медицинскиот отпад од причина што може да се испланира. Од помалите создавачи на медицински отпад, каде што собирањето е во кутија (според досегашните согледувања) сите оние што создаваат една или повеќе од една кутија во месецот се со планирана динамика, а од останатите доколку не бидеме повикани ќе бидат посетени во втората половина во месецот или во четвртата недела по предходното собирање.

Поголемите количини на медицински отпад што треба да се согорат во инсенераторот се мерат на електронска вага во приемно – отпремното одделение, а помалите количини на медицински отпад се мерат на дигитална вага што е поставена кај печката за согорување.

Медицинскиот отпад што треба да биде согорен може да биде донесен со наше возило или со возило на странките.

За потребите на медицинските установи од Градот Скопје и околината, а согласно Решението на Министерството за здравство, ДРИСЛА - СКОПЈЕ ДОО е единствено претпријатие кое врши собирање и согорување на медицински отпад, односно негова обработка.

За таа цел во кругот на депонијата е поставена печка за согорување на медицинскиот отпад – инсенератор, со капацитет од 200кг на час согорување на медицински отпад или 500 тони на годишно ниво.

Инсенераторот (печката за спалување на медицински отпад) е дониран на Р.Македонија од Британската Влада. Донесен е на локалитетот Дрисла во Февруари 2000 година, а пуштен е во употреба во Април 2000 год.

Инсенераторот лоциран во депонија Дрисла е со основна намена за спалување на медицински отпад и лекови со поминат рок. Но, исто така во него може да се согорува и друг вид на отпад по барање на правни и физички лица.

За нормално функционирање на инсенераторот, ДРИСЛА - СКОПЈЕ ДОО располага со: главен проект, челична настрешница, ограда, резервоар за манипулативно гориво од 10 тони, скали и платформа, бетонска плоча, тампонирање на манипулативно плато и граничници, објект за вработени, громобранска инсталација и агрегат.

Во следниот табеларен приказ се прикажани количините на собран, транспортиран и согорен медицински отпад во кг по години.

2000 2001 2002 2003 2004 2005 2006 2007 2008 2009 2010 2011 2012 2013 2014 2015
114.900 231.900 248.600 255.060 322.670 375.648 327.006 355.000 358.850 416.312 458.434 469.975 501.254 566.588 572.875 774.866